Поради зголемените откупни цени на јагнето и се помалата понуда, продажните цени на јагнешкото месо во Кичево последниве неколку дена драстично пораснаа и се движат од 450 до 500 денари за килограм.

-Годинава цената на јагнешкото месо е многу повисока споредено со претходните десетина години, кога се движеше од 300-350 денари за килограм. Пред Велигденските празници продажната цена е 450 до 500 денари. Причина за поскапувањето се повисоката откупна цена на јагнето која се искачи на 200 и повеќе денари за килограм жива мера, а поради зголемениот извоз, за домашниот пазар останаа помали количества што дополнително го генерира порастот на цените, велат вработените во месарница во Кичево .

Никаде во градот не може да се најде јагнешко месо под 450 денари за килограм. Од друга месарница посочуваат дека не е исклучена можноста пред празникот, еден килограм јагнешко месо да достигне 600 денари.

-Ако не можеме да си дозволиме пред Велигден да купиме цело јагне, тогаш ќе се помириме со помала количина, а тоа значи или половина јагне или само еден бут, за да не ја прескокнеме оваа традиција која трае со генерации, вели Перо Трајаноски, граѓанин од Кичево.