Верувам во правдата, верувам во вас и вашата стручност и искуство да ја препознаете правдата и да донесете правична одлука, истакна на почетокот на завршниот збор за настаните од „27 април“ Миле Јанакиески.

-Јас, за овој немил настан кој никогаш не смее да се повтори, пред Бога, пред себеси и пред семејството сум чист, ќе потенцирам, дека со ништо, ама со ништо немам придонесено да се случат немилите настани од 27 април“-рече Јанакиески.

Тој потсети дека истрагата по овој предмет била завршена без да му се овозможи правото на исказ, да поднесе докази, а и не му биле доставени сите докази кои Обвинителството ги прибрало во текот на истрагата.

-Да се запрашаме дали со вака конструиран обвинителен акт на само 2 и пол страници, оскудна листа на докази која во 90% е препишана од првата пресуда за 27.4, во оваа држава може да се чекори по патот на правдата за да се стигне до вистинската цел? А целта е правда. Правдата ја посакувам јас, целокупната македонска, но и меѓународна јавност-додаде Јанакиески.