Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева,на денешната седница упати прашања до градоначалничката Данела Арсовска и мнозинството во Советот за тоа до каде е реализацијата на клучните капитални проекти во градот, пренесе Макфакс.

„Каде се парите? Година и пол прашуваме и добиваме одговор дека ќе има реализација на проекти, па еве денеска пак прашуваме: До каде е изградбата на мостот Љубљанска за кој што имате 380 милиони денари пари од Владата? До каде е реконструкцијата на Универзална сала за којашто имате 120 милиони денари од Владата? До каде е изградбата на клучката кај Момин поток за којашто имате три милиони евра пари од Влада? До каде е реализацијата на Бас рапид транзит, до каде е реализацијата на пречистителната станица? До каде е изградбата на улиците „Васко Карангелевски“ и „Есенинова“? До каде се изградбите на кружните текови кај Нова Македонија, кај Државен завод за ревизија, оној во Ѓорче Петров и оној во Аеродром?“ праша Јанчева.

Таа побара и да бидат доставени и сметките на Градот, за конечно се види дали е навистина блокиран.

„Доколку сметката на Град Скопје не е блокирана, јас барам да ни се достави финансиска картичка за конто 220 и 221 за доспеани обврски од земјата и од странство, како за Град Скопје така и за јавните претпријатија. Јас барам дневен извештај за состојбата на сметката и нам како советници тоа треба да ни биде овозможено“ порача Јанчева додавајќи дека Буџетот на Градот за оваа година е некаде околу 700 милиони денари, а дополнително актуелната градска влас има наследено 13 милиони евра во градската каса.

Од Град Скопје, пак, тврдат дека градот ниту е пред банкрот, ниту ќе банкротира и прави се што е технички возможно да ги врати долговите кои ги наследил од претходните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои, како што се наведува, работеле недомаќински и ги задолжиле скопјани за милионски суми.