Фокус на партнерства и градење побезбедни заедници

Дводневната обука за високо раководно ниво посветена на Полициско работење во заедницата започна денеска во рамки на проектот „Шведска поддршка за полициските реформи во Северна Македонија“. На отворањето се обрати директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев. Тој нагласи дека ваквиот модел на работа се темели на довербата меѓу полицијата и граѓаните и заедничка соработка.

Во своето излагање Јанев рече:

„Полициското работење во заедницата е стил на полициско работење кој се заснова на доверба помеѓу граѓаните и полицијата, превенција на асоцијални и криминални поведенија, како и заедничко идентификување на проблемите и изнаоѓање решенија за нивно решавање. Убеден сум дека само преку градење партнерства и активно вклучување на граѓаните можеме да создадеме побезбедни, посилни и поотпорни заедници.“

Одржливата врска меѓу полицијата и граѓаните како приоритет

Тој дополнително нагласи дека ваквите обуки се значајни, бидејќи силната и континуирана врска меѓу полицијата и заедницата е неопходна за напредок. Јанев потенцираше:

„Од круцијално значење е да се создаде и одржи силна врска помеѓу полицијата и заедницата, бидејќи само така може да се постигне траен напредок во безбедноста и правдата во општеството.“