Полицијата со зголемени мерки за безбедност и воздушно набљудување со дронови

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска во рамките на работната посета на ОВР Кочани одржа состанок со раководствата на сите градови каде што ќе се одржи вториот круг од локалните избори. На средбата, како што информира, бил детално запознаен со актуелната безбедносна состојба и со предизвиците со кои се соочува полицијата на терен во пресрет на изборниот ден.

„Нашата обврска е јасна: да обезбедиме мирен, безбеден и демократски изборен процес. Полицијата ги презема и ќе ги преземе сите неопходни мерки, со цел граѓаните слободно да го остварат своето демократско право на глас без притисоци, без страв и без закани,“ порача Јанев.

Секој што ќе ги прекрши законите ќе се соочи со брза реакција

Јанев нагласи дека нема да има толеранција за никакво незаконско дејствување, без разлика од каде доаѓа.

„Не постои и нема да постои толеранција за ниту едно незаконско дејствување. Секој поединец кој ќе се обиде да ги наруши законите и демократските правила ќе се соочи со брза, професионална и одлучна полициска реакција,“ истакна директорот на БЈБ.

Тој најави дека, како и во првиот изборен круг, полициските службеници ќе бидат распоредени во близина на избирачките места и на сите потенцијални ризични локации. Дополнително, безбедноста ќе биде засилена со модерни технички средства, вклучително и воздушно набљудување со дронови.

„Тука сме за граѓаните, тука сме за да ги чуваме демократските вредности на државата. Нашата лична и професионална посветеност е во насока изборниот ден да биде ден на безбедно, слободно и достоинствено изразување на волјата на народот,“ додаде Јанев.