Лицето кое минатиот петок побегна од полициските службеници во Кочани е пронајдено и уапсено во Скопје. По повеќедневната интензивна потрага, бегалецот синоќа повторно бил лишен од слобода, но од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека случајот сè уште не е целосно затворен.

Лазаров пронајден и приведен во Скопје

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, по апсењето информираше дека лицето било детектирано, лоцирано и приведено во главниот град.

Тој преку социјалните мрежи порача дека законот важи еднакво за сите и дека правдата ќе стигне, нагласувајќи дека одговорност ќе има за секој направен пропуст.

„Законот важи за сите – правдата стигнува, а одговорност ќе има за секој пропуст. Синоќа беше детектиран, лоциран и лишен од слобода бегалецот од Кочани. По интензивна потрага, лицето кое во петокот побегна од просториите на Полициската станица Кочани е пронајдено и приведено во Скопје“, соопшти Јанев.

Внатрешната истрага во МВР продолжува

Јанев истакна дека повторното лишување од слобода на бегалецот не ја завршува обврската на институциите целосно да го расчистат случајот.

Во Министерството за внатрешни работи веќе се спроведува внатрешна истрага, чија цел е да се утврди одговорноста за пропустот што му овозможил на лицето да побегне од Полициската станица во Кочани.

Одговорност за секое постапување или непостапување

Директорот на БЈБ порача дека секој што со своето постапување или непостапување придонел за бегството ќе сноси одговорност во согласност со законските одредби и утврдените процедури.

„Должни сме да бидеме отчетни, транспарентни и да постапуваме со интегритет. Без разлика што лицето е повторно лишено од слобода, пропустите мора да бидат утврдени, а одговорност мора да има“, нагласи Јанев.