Конкурс за кодификацијата на македонскиот јазик со рекорден број апликации од ученици
Шест основци и средношколци, победија со своите есеи во исто толку категории на конкурсот по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Министерството за образование и наука го објави конкурсот на 5 мај, кога се одбележува Денот на македонскиот јазик. На конкурсот пристигнаа над 320 апликации од ученици, од четврто одделение во основното до четврта година во средното образование.
Денеска, победниците остварија средба со министерката Весна Јаневска, која им додели пригодни подароци.
„Јазикот е душата и идентитетот на еден народ, симбол на индивидуалноста и уникатноста. Оттука, исклучително важно е да го почитуваме и да продолжиме да се грижиме за развојот на македонскиот, но и на сите други јазици на кои говорат граѓаните на Македонија. Ви честитам на заложбата, на вложениот труд и ви посакувам во иднина уште многу успеси и победи“, рече министерката Јаневска, изразувајќи задоволство што младите сакаат да творат и да учествуваат на натпревари.
Учениците од четврто до шесто одделение се натпреваруваа на тема „Мојот македонски јазик е како виножито, полн со бои и зборови“. Првото место го освои Лука Стојановиќ од ОУ „Видое Подгорец“ од село Колешино, Ново Село. Учениците од седмо до деветто одделение пишуваа на тема „Мојот македонски јазик – мој идентитет, културно наследство и аманет“. Првото место и’ припадна на Ива Јосифовска од ОУ „Гоце Делчев“ – Прилеп. Помеѓу учениците од прва до четврта година во средното образование, првонаграденa е Тијана Атанасова од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија.
Ученичката Рига Куртај од ОУ „25 Мај“ – Гази Баба е победник во категоријата ученици од четврто до шесто одделение. Таа учи на наставен јазик различен од македонскиот. Тие се натпреваруваа на тема „Македонскиот и мојот мајчин јазик се пријатели“.
Учениците од седмо до деветто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот пишуваа на тема „Македонскиот јазик и мојот мајчин јазик се богатство кое не тежи, туку возвишува“. Најдобар е есејот на ученичката Ерина Бајрами од ОУ „Наим Фрашери“ – Куманово. Помеѓу учениците од прва до четврта година од средните училишта кои учат на наставен јазик различен од македонскиот, првонаграден е есејот на ученикот Аљдин Мурати од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ – Кисела Вода, напишан на брајово писмо.