Јаневска: Дуалното образование е успешен концепт кој го смени мислењето на младите за средните стручни училишта

Ј

Дуалното образование е успешен концепт кој го промени ставот на младите за средните стручни училишта.

Македонија 05.09.2024. 16:26

Дуалното образование е успешен концепт кој го промени ставот на младите за средните стручни училишта. Неколку години дава одлични резултати, кои немаше да бидат постигнати без поддршката која ја добиваме од Швајцарската амбасада, но и од бизнис заедницата која ја реализира практичната настава за учениците. Овој образовен модел ќе продолжи да се имплементира и надградува, а наскоро и системски ќе биде уреден со нов Закон за стручно образование и обука.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која денеска заедно со амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман и Антони Пешев, извршен директор на Стопанската Комора ја посетија компанијата Каз Груп, која е дел од проектот за дуално образование.

„Радува фактот што бројот на ученици запишани во средните стручни училишта, од година во година расте. Годинава по трите уписни рока, во средните стручни училишта се запишаа речиси 12 илјади ученици од генерацијата која брои околу 17 илјади. Тоа се две третини и се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во иднина. Дуалното образование е застапено во 62 училишта и годинава имаме запишано 3850 ученици во прва година“, рече Јаневска.

Таа потенцираше дека Министерството за образование и наука, како и досега ќе продолжи со поддршката за учениците кои се запишани во средните стручни училишта. Информираше дека наскоро ќе биде објавен конкурсот за доделување на ученички стипендии во повеќе категории, меѓу кои и за учениците во дуалните паралелки и дефицитарните струки, кои имаат можност да добиваат по 3500 денари за 9 месеци во годината.


Останати вести од Македонија

Подкаст

Подкаст