На Универзитетот „Мајка Тереза“ беше промовирана нова генерација дипломци

Новата генерација дипломирани студенти на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денеска ги доби своите дипломи на свечена церемонија, на која присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Обраќајќи им се на дипломците, таа им честиташе за завршувањето на студиите и порача дека од нив се очекува активно да придонесуваат во развојот на државата.

„Искрени честитки до сите вас кои денес и официјално станувате академски образувани граѓани. Вие сте гордост на вашите семејства, на вашите професори и на државата. Од вас очекуваме активно учество во општествениот живот и придонес кон развојот на Македонија. Веруваме во вашето знаење, но и во вашата енергија, креативност и желба за успех. Токму тие квалитети се двигател на промените и напредокот“, истакна Јаневска.

Таа ги охрабри младите да се вклучат на пазарот на трудот, да развиваат сопствени идеи и да создаваат нови вредности.

„Храбро чекорете напред. Вклучете се на пазарот на трудот, придонесувајте во развојот на постојните компании или создавајте нови вредности преку сопствени идеи и претприемачки иницијативи. Дел од вас ќе го изберат патот на науката. Македонија има потреба од млад научно-истражувачки кадар и затоа преку низа системски мерки работиме на создавање подобри услови за негов развој, напредување и меѓународна афирмација“, рече министерката.

Честитки и до професорите

Јаневска упати порака и до професорите, заблагодарувајќи им се за нивната посветеност во образовниот процес.

„Со многумина од вас имаме заедничка соработка на активности насочени кон унапредување на високото образование и науката. Особено ми е драго што заеднички работевме на подготовка на новата законска регулатива во оваа област, која наскоро ќе се најде пред пратениците. Убедена сум дека со заедничка визија и посветеност ќе создадеме поконкурентен и поквалитетен систем на високо образование и научно-истражувачка дејност“, нагласи таа.

Нов кампус за Универзитетот „Мајка Тереза“

Министерката потсети дека Универзитетот „Мајка Тереза“ е најмладиот државен универзитет во земјата и дека веќе добива институционална поддршка за понатамошен развој.

Според неа, Владата обезбедила финансиски средства за изградба на нов универзитетски кампус, а очекувањата се целиот проект да биде завршен во следните пет години.