Од следната година уписот ќе биде целосно дигитализиран

Од 2025 година, учениците кои се запишуваат во средно училиште повеќе нема да имаат обврска да доставуваат документи во хартиена форма. Министерката за образование, Јетонка Јаневска, најави дека процесот на упис ќе се одвива исклучиво по електронски пат. Новиот систем предвидува интеграција со електронскиот дневник кој стартува на 1 септември, преку кој автоматски ќе се издаваат и свидетелствата.

„Од први септември ќе се пушти во функција новиот е-дневник. Самиот систем ќе може да ги издава сведителствата на учениците во електронска форма, што ќе значи дека повеќе нема да мора да се носат документи физички при упис во средно“, изјави Јаневска.

Забрана за менување оценки на наставнички совет – целта е да се намали притисокот

Новите измени во Законот за основно и средно образование, кои се веќе подготвени, предвидуваат наставничките совети да немаат овластување да ги менуваат ученичките оценки. Со оваа мерка, Министерството за образование смета дека ќе се намали притисокот врз наставниците и ќе се зголеми реалноста на оценувањето.

„Со тоа ќе се намали влијанието врз оценките и ќе се обезбеди пореален успех кај учениците“, рече Јаневска.

СДСМ со критики: „Јаневска ја потценува стручноста на наставниците“

Од опозициската СДСМ веднаш реагираа на новите законски измени, обвинувајќи ја министерката Јаневска дека со ваквите мерки го доведува во прашање кредибилитетот на наставниот кадар и го нарушува образовниот систем.

„Со вакви одлуки, министерката ја потценува стручноста на наставниците и директно го прекршува законот“, се вели во партиското соопштение.

Од Министерството, пак, уверуваат дека на 1 септември сите ученици ќе добијат учебници и ќе имаат неопходни услови за почетокот на учебната година.