Имаме поставено критериуми за луѓето што треба да пишуваат учебници
Недостигот на учебници на јазиците на малобројните етнички заедници не произлегува од малиот тираж, туку од обврската да се исполнат законски утврдени критериуми за авторите. Ова денеска го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање.
Наставници и автори кои подготвуваат учебници на овие јазици завчера на средба во Министерството за односи меѓу заедниците посочија дека по измените на Законот за учебници лани, конкурсите наместо Министерството ги објавуваат издавачките куќи. Тие, според нив, поради економска неисплатливост одбиваат да печатат учебници со мал тираж, бидејќи наставата на секој од петте јазици ја следат по стотина ученици.
Министерката го отфрли тоа како главна причина.
-Да, има проблем, не поради нискиот тираж, ние ја поправивме формулата и ги вклучивме и нив и цената на тие учебници е идентична како и сите други, по формула, без оглед што е тиражот понизок. Имаме поставено критериуми за луѓето што треба да пишуваат учебници. Затоа што навистина имавме лоши учебници кои беа оспорувани од многу страни, кои имаа многу грешки, и во новиот закон (за учебници) поставивме критериуми кои треба да ги исполни авторот на учебникот. Кога МОН, односно Педагошката служба бара, за жал, се случува во одредени заедници издавачките куќи да не можат да најдат луѓе што ќе ги исполнат тие критериуми. Мене ми е многу жал што мора тоа да го соопштам, но рековме дека проблемите јавно ќе ги објавиме и нема да ги ставаме под тепих, рече денеска министерката Јаневска.
Сите одобрени учебници преведени на пет јазици
Јаневска нагласи дека Министерството постапува во согласност со законот и дека сите одобрени учебници се преведени на пет јазици.
-Ние сме единствената држава во светот која печати учебници на пет јазици, но тоа ќе го почитуваме до крај. Доколку постојат луѓе кои ги исполнуваат критериумите, заедниците нека се заангажираат, Министерството не се меша во таа работа. Кој ќе подаде учебник и кој Бирото ќе го одобри, камо среќа да имаме по два, по три, националната комисија веројатно ќе го избере откако ќе помине рецензија. Законот предвидува ако е понуден само еден учебник, само во тој случај Бирото да може да побара од авторите да го поправат во согласност со програмата. Ако се повеќе не, но ако е даден само еден учебник, тогаш ќе може Бирото да им дозволи да го поправат. Треба да се двајца професори, еден наставник, за жал, се случува да немаме такви, но мора да се државјани на Република Македонија, рече Јаневска додавајќи дека ако не се пријават автори за учебници за заедниците, повторно ќе бидат објавени конкурси.
Министерката посочи дека доколку нема пријавени автори кои ги исполнуваат условите, постапката ќе се повтори со нови јавни повици.
