Петта јавна расправа за нов закон за високо образование

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вечерва на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ги сослуша ставовите и забелешките на академската заедница за Предлог-законот за високо образование и Законот за квалитет во високото образование.

Ова беше петта јавна расправа што ја организира Министерството за образование и наука. Во текот на неделава се планирани уште две дебати за нов закон за високо образование.

Јаневска најави дека по завршувањето на расправите ќе следи фаза на разгледување и прифаќање на оправданите забелешки. Потоа, законското решение ќе биде објавено на националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за дополнителни консултации со академската јавност, а по тој рок ќе влезе во владина процедура.

„Верувам дека ќе останат уште една-две, кои дополнително ќе треба работната група малку посериозно да ги разгледа, за да донесеме соодветно решение. Кога ќе се заврши тој процес законот ќе биде поставен на ЕНЕР, уште релативно кратко време, неколку дена, за да може академската заедница да ги види забелешките. Брзо да изреагира, потоа оди во владина процедура“, изјави Јаневска.

Потреба од квалитет и активна академска заедница

Министерката нагласи дека на државата ѝ е неопходно ново законско решение за високо образование. Таа посочи дека целта е унапредување на квалитетот и поголема вклученост на академската заедница, вклучително и студентите, особено во научно-истражувачката работа.

„Потребно е поткревање на квалитетот на високото образование, во кое академската заедница – професорска, оти и студентите се дел од академската заедница ќе покаже проактивност, особено во научните истражувања. Затоа што едукацијата и научното истражување во нашиот образовен систем и не само во нашиот се две нераздвоени целини. Не може да имаме добар професор на академско ниво, кој не ги следи новините во неговото поле или подрачје или област нека биде тоа, бидејќи технолошкиот развој во овој момент не само технолошкиот. Целиот свет подлежи на силни промени и ние мора да ги подготвиме нашите студенти, нашите идни академски граѓани, нашите луѓе коишто ќе се вклучат на пазарот на труд да ја зајакнат државата, односно да обезбедат просперитет на државата“, рече Јаневска.

Таа додаде дека студентите треба да продолжат да ја градат академската заедница, но и да се вклучат во реалниот сектор и стопанството, со цел да придонесат за економскиот развој.

Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски, изјави дека Универзитетот поддржува донесување нов закон за високо образование кој ќе обезбеди квалитетна рамка за понатамошен развој.

„Генерално синтетизирани се и денес ќе бидат презентирани од наша страна. Една од забелешките беше околу нормализирање на условите, односно да нема разлика меѓу големите и малите универзитети, да се сведат на пример 100 професори-еден проект или еден труд на еден професор, за да големите и малите имаат услови пред законот. Тоа беше дискусија, потоа вклучување на „скопус“ базата, како релевантна на овој дел на Европа, бидејќи „скопус“ базата е квалитетна и е малку порегионално завртена. Вклучува поголем дел на конференции во своето цитатно дело. Тука се однесуваат главните забелешки, другите забелешки се повеќе формални“, изјави Мираковски.

На јавната дебата присуствуваа бројни професори од УГД-Штип, кои ги изложија своите предлози и забелешки во однос на новите законски решенија за високото образование.