Македонските таленти добиваат целосна поддршка од министерството за образование и наука
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, на конференција организирана од Институтот за хемија при ПМФ во Скопје, истакна дека успесите на македонските ученици на меѓународните научни олимпијади ја потврдуваат потребата за континуирана поддршка.
„Ги следам учествата на сите наши млади на меѓународните натпреварувања и водена од успесите ваши и на генерациите пред вас, ми беше должност да се заложам, а Владата ми даде поддршка и заедно го решивме предизвикот кој се провлекуваше од минатото и го доведуваше во прашање учеството на македонски претставници на големи меѓународни ученички натпреварувања. Од оваа година, Министерството за образование и наука целосно ги покрива трошоците за пат и котизација на учениците и нивните ментори кои ќе се квалификуваат на меѓународна научна олимпијада или натпревар. Поставивме системско решение и повеќе никој нема да има финансиски предизвици за да отпатува и да ја претставува својата земја“, рече Јаневска.
Таа додаде дека македонските ученици на Меѓународната олимпијада по хемија во Дубаи освоиле сребрен и бронзен медал, како и пофалница, а на олимпијадата „Менделеев“ во Бразил два бронзени медали.
„Овие деца се дел од генерација во која веруваме дека може да донесе подобри времиња. Затоа што го ценат знаењето, постојано да надградуваат, знаат дека науката е столб на просперитетот и имаат натпреварувачки дух и прифаќаат предизвици што мора да се решат за да се стигне до победата“, рече Јаневска.
Министерството најави продолжување на политиките за поддршка на талентирани ученици и студенти преку стипендии, парични награди и инвестиции во младите научници.