Новиот закон се фокусира на квалитет, практична настава и поврзаност со пазарот

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, нагласи дека новиот Закон за високото образование не дискриминира, туку поставува меритократија, модуларност и повеќе практична настава за студентите. Законот исто така ја поддржува интернационализацијата, поголемата соработка и видливост на универзитетите и професорите, фокусирајќи се на стручни студии и усовршување на вештини што досега недостасувале во земјата.

„Законот се базира на политиките на оваа Влада за јавниот интерес на сите граѓани и на оваа држава. Крајно време е и универзитетите и општеството да склучат договор дека ќе работат во полза на младите луѓе кои ќе останат да ја развиваат оваа држава. Универзитетот нема задача само да направи добар стручњак, тој треба да направи одговорна морална личност. За да може тоа да го направи, квалитетот на високото образование треба да се зголеми. Имаме консензус во државата по ова прашање“, рече Јаневска на денешната собраниска седница, во одговор на пратеничко прашање.

Министерката појасни дека условот за објавување трудови во двете реномирани бази на научни списанија, Web of Science и Scopus, не дискриминира никого, бидејќи се однесува на сите универзитети подеднакво.

Јаневска информира дека во петок ќе се состане работната група за Законот за високото образование и ќе разгледа дел од забелешките добиени за време на јавната расправа, а дел од предлозите веќе се имплементирани.

Советот на универзитетите и автономијата

Во врска со прашања за автономијата на универзитетот, министерката нагласи дека новиот закон не задира во неа. Проблем за дел од професорите е што со законот треба да профункционира Советот на универзитетите.

„Советот постоел и во претходниот закон, но не бил формиран, затоа што постоеле луѓе кои се плашеле да го формираат. Тоа е орган или тело, ќе се договориме како ќе се вика, чија главна улога е отчетност, да види што и како работат универзитетите. Не може универзитетите да се надвор од правниот систем. Советот бара отчетност како се трошат јавните пари, како функционира универзитетот, дали го исполнил својот план што тие сами ќе го предложат“, објасни Јаневска.

Таа додаде дека правото на министерот да запре одлука на Сенатот ако утврди дека некој акт на универзитетот е противзаконски е со точно пропишани услови. Дополнително, министерството побарало од правници и професори по право да го дефинираат овој член и предлогот да го достават до МОН.