Стратегијата за едносменското работење, подолгиот престој на учениците и на наставниците во училиштата и целодневната настава, која, како што рече Јаневска, се покажала како многу ефикасна во повеќе земји.
– Кога ќе направиме нормални паралелки, не паралелки од по 10 или 15 ученици, туку кога ќе ги сведеме на 20 ученици, наставникот што е вишок ќе продолжи да работи во втората половина на денот според програмата на училиштата, која опфаќа многу додатни предмети, изборни предмети, воннаставни активности, работа со деца кои имаат тешкотии во учење, работа со талентирани деца, дополнителна настава, додатна настава, општествено корисни работи. Идејата е дека целиот фонд на наставници треба да го искористиме за учениците да стекнуваат подобри знаења, нагласи Јаневска пред почетокот на настанот посветен на „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“, ќе се одржи денеска во организација на Здружение за истражување и анализи ЗМАИ.
Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска денеска информираше дека ќе им понудат на наставниците да се префрлат во Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование и обука, институции кои имаат потреба од искусни луѓе.
– Ќе им понудиме на наставниците, откако ќе направиме мали измени во законите, да се префрлат во овие институции за да можат да дадат свој импакт на образование, односно да го пренесат своето искуство и знаење на оние наставници на кои им требаат обуки и помош. Да, процесот е огромен, процесот е комплициран, но заедно со нашите странски партнери имаме енергија и волја да направиме нешто за да се подобри целокупното образование на нашите ученици. Оптимизацијата, формулата за финансирање, инфраструктурните промени се дел од овој процес – изјави Јаневска и додаде дека овој процес не може да се направи за два, три или пет месеци и порача дека не брзаат.
Според Јаневска, важно е да се направи нешто што ќе биде трајно и ќе дава ефект.
– Крајниот продукт на образовниот систем е ученик со соодветни знаења на истата возраст, како децата од ЕУ – порача таа.
Според податоците од Државниот завод за статистика, бројот на ученици е намален за 17 илјади во последните седум години. Во истиот период, бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади. Во мај во основните училишта се запишале 17.200 првачиња или 500 помалку од лани.