Започна вториот мандат на Националниот совет за високо образование и наука

Конститутивната седница на новиот состав на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност се одржа денеска, со што официјално започна вториот мандат на ова советодавно тело.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска преку објава информираше за почетокот на работата на новиот состав и им упати честитки на сите членови, изразувајќи очекувања за поинтензивна и поефективна работа во наредниот период.

„Ова е втор мандат на Советот, од кој очекувам да ја интензивира работата и да биде уште поефективен, затоа што и Владата дава приоритет на високото образование и науката. Имаме идентични цели и со заеднички напори, отворен дијалог и конструктивност, полесно ќе ги оствариме“, истакна Јаневска.

Таа нагласи дека високото образование и научно-истражувачката дејност остануваат високо на агендата на Владата, при што соработката со Националниот совет се смета за клучна за унапредување на системот.

Во објавата, министерката се осврна и на работата на претходниот состав на Советот, упатувајќи благодарност за досегашната соработка и резултатите.

„Благодарност до претходниот состав за соработката и за сите остварувања во изминатиот период“, напиша Јаневска.

Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност има советодавна улога во креирањето и унапредувањето на политиките во областа на високото образование и науката.