Ова се само некои од начините што ќе овозможат домашниот туристички производ да остане конкурентен и да ги следи трендовите што ги наметна корона пандемијата.
Како што рече денеска директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски, ако не успееме да се прилагодиме, ќе останеме брзо зад другите и од лидер за раст во Европа, можеме да станеме дестинација која бавно закрепнува по КОВИД-перидот.
Според него, повеќето земји стартуваат со големи буџети, поради што конкурентноста во регионот и во Европа е многу голема.
Препорака на директорот е туристичкиот сектор што помалку да размислува за субвенционирање и помош.
-Пандемијата покажа колку сме подготвени да се менуваме и прилагодуваме. Многу мал број македонски тур-оператори се носители на турите тука. Најавените чартер летови за 2022 година се на странските тур-оператори, а нашите се нивен сервис, рече Јаневски.
Тој, сепак, е задоволен од тоа како ќе ја завршиме годината. Истакна дека се враќаат српскиот, полскиот и косовскиот пазар. Во однос на турските гости, најави дека со Турција се преговараат нови чартер летови од Истанбул за Скопје и за Охрид, како и од Измир за Скопје и за Охрид.
Јаневски уште еднаш го коментираше буџетот што и е одобрен на Агенцијата за 2022 година, подвлекувајќи дека токму од висината на доделните средства ќе зависи реализацијата на многу проекти и учеството на саеми.
Презентирајќи го сработеното на АППТ во 2021-ра, Јаневски рече дека е задоволен. Согласно септемвриската статистика, напомена, Македонија како туристичка дестинација надмина два милиона ноќевања.
Стопроцентно се реализирани и субвенциите, вкупно 542.271 евра, од кои домашните оператори добија 6.721 евра, а странските 535.550 евра.
Во однос на програмските активности за 2022 година, Јаневски најави туристичкото брендирање на дестинацијата со слоган, лого и комуникативни канали, реализирање национална туристичка кампaња на Google и YouTube, реализација и имплементација на платформата е-туризам, национално претставување на туристичкиот потенцијал на саемот во DUBAI-EXPO 2020, заедничко учество во меѓународни туристички манифестации (во тек FITUR, EMITT, ITB Berlin).
Oстанати по барање на туристичкиот сектор, организирање информативни патувања, блогери, влогери, инфлуенсери, медиуми и туроператори, креирање нови промотивни материјали (активни форми на туризам, гастрономија, топ 20 туристички дестинации, дигитални номади), организирање промотивни кампањи во примарни и секундарни пазари, продукција на 360 виртуелни тури, редизајн на туристичката платформа www.northmacedonia-timeless.com, валоризација на граничните премини, изработка на туристичка и гастрономска мапа, поставување туристички информативни знаци на коридорите 8 и 10 и останати патни правци, поставување нови билборди по патните правци Е-75 и други, како и обележување на археолошкиот локалитет „Тумба Маџари”.