Советникот во Советот на Град Скопје, Филип Јаневски на денешната седница на Советот истакна дека директорката на ЈП „Комунална хигиена“ и градоначалничката Данела Арсовска иако се најповикани не присуствуваат на седниците и бегаат од одговори, а наместо тоа ги праќаат нивните „портпароли“ да држат политички беседи и да ја оцрнуваат главната опозициска партија.

„Фактичката состојба нема кој да ни ја објасни во моментов бидејќи директорката на јавното претпријатие не е тука и бега од одговори, додека градоначалничката пак, како и пред две недели на седницата за советнички прашања, повторно не се појави и избега за жал, но ги прати нејзините портпароли тука да држат политички беседи, бидејќи имаат добиено наредба да ја оцрнат главната опозициска партија. Ние сме биле блокатори. Јас да ви кажам, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За обнова на Македонија се блокатори на сѐ што е штетно, и на коруптивните зделки на Данела Арсовска и на коруптивните зделки на Али Ахмети и на Димитар Ковачевски. Ние ќе блокираме се што сметаме дека не е добро“, истакна Јаневски.

Тој исто така додаде дека заменик градоначалникот и советник од ГРОМ Александар Трајановски, чија што партија претседател е под неколку истраги и 25 години е во политика е последен кој треба да држи говори како ВМРО-ДПМНЕ била нереформирана партија.

„Ние дојдовме конструктивно да разговараме за проблемите на „Комунална хигиена“ и да најдеме системски решенија. Лица кои што се исфрустрирани и неостварени овде да држат говори за тоа како ќе не однесела вода, не сме можеле ништо да постигнеме. И на вас да ви одговорам и на тие кои што ве платиле да им одговорам и на оние коишто ви наредиле да го правите ова да ви одговорам дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За обнова на Македонија на наредните избори ќе ве прегази како шлепер жаба. Ништо нема да остане од вас, ниту од тие ваши минорни политички партии“, истакна Јаневски и додаде:

„Ќе бидете пуштени низ вода и ние заедно како главна опозициска партија и коалицијата околу таа главна опозициска партија ќе спроведеме системски реформи во државата. Ќе видите како се води држава и како се води град“.