Јанкулоска истакнува дека повредите на правото се препознаени

Европскиот суд за човекови права денеска објави дека отвора сериозни прашања поврзани со повредите на правото на правично судење во предметот против поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за набавката на блиндирано возило за потребите на државата.

Јанкулоска посочува дека одлуката на судот не само што ја потврдува неправдата и бескрупулозноста на претходната власт во правосудството, туку и го покажува влијанието на тие инсталации за остварување на целите на тогашната влада.

„Иако поминаа скоро пет години од поднесувањето на апликацијата пред ЕСЧП, а јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претрпев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција“, изјави Јанкулоска.

Таа додаде дека со ова можеби конечно ќе се разбере дека судиите не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди, туку граѓаните ги плаќаат да ги штитат нивните права.

„Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција, е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата“, додаде Јанкулоска.