Големиот избор на квалитетни и иновирани студиски програми, постојаниот стремеж за достигнување на квалитетот на образовните програми на европските и светските универзитети, како и следењето на трендовите на атрактивност на студуските програми го прават Универзитетот не само водечки во земјава, па и пошироко, туку и најдобар избор на идните студенти.
Ова денеска го истакна ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски преку онлајн обраќање до матурантите, идни членови на академската заедница на УКИМ по повод одржувањето на манифестацијата „Отворен ден на УКИМ“.
– Оваа манифестација претставува одлична можност да се уверите во одликите на УКИМ со кои се издвојува и предничи пред сите останати универзитети во нашата држава и воедно е еден од врвните во регионот. Богатата високо образовна понуда на УКИМ е одраз на осовременувањето на наставно – образовниот процес, следењето на интересот на студентите, на потребите на стопанството и на современите текови на образованието во глобални рамки. Нашиот универзитет организира настава на студиски програми во сите научни области, природно – математичките, техничко – технолошките, медицинските, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите, рече проф.д-р Јанкуловски.
Новата генерација матуранти која ќе зачекори и успешно ќе го изоди патот на високото образование по квалитетната високо образовна патека на УКИМ, потенцира ректорот, исто така ќе има можност да ја продолжи со својата образовна надградба со изборот на квалитетна и мошне разновидна понуда на постдипломски студиски програма која ја нуди УКИМ и која рамо до рамо го следи квалитетот на евроспките студиски програми од втор циклус.
– Драги матуранти отворениот ден на УКИМ ќе ви понуди можност да се запознаете и со професорите и со студентите. Немајте двојба, разрешете ги недоумиците доколку ги имате. Прашајте ги се што ве интересира за студиските програми, за можностите за стипендирање, слушнете ги искуствата на вашите идни колеги, студентите од повисоките години кои несебично со вас ќе ги споделат нивните искуства за вклученоста во научно-истражувачките и останатите проекти, дознајте за можностите за меѓународна размена, за студентскиот живот, за практиканството, за кариерните можности. Вашиот избор, вашата одлука за студирате на УКИМ се вистински и правилни, бидејќи дипломите стекнати на УКИМ се препознатливи и на домашниот и на меѓународниот пазар на трудот. Освен тоа, студентите на УКИМ се централен субјект и рамноправен партнер во одлучувањето за сите значајни прашања од дејноста на Универзитетот преку учеството во органите на факултетите и на Универзитетот. Бидете наш партнер. Студирајте на УКИМ, Универзитет чие мото е „Традиција, потврдени вредности и квалитет“, додаде ректорот Јанкуловски.