Економски раст поголем од очекувањата на меѓународните институции
Заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, изрази оптимизам за економските перформанси на државата. Во гостување за 24 анализа, тој изјави дека очекува економскиот раст да достигне до 3,7%. И покрај тоа што проекциите на Светската банка и ММФ се пониски.
„Убеден сум дека растот од 3,7% како држава ќе го постигнеме. Очекуваме да има корекции и кај Светска банка и кај ММФ,“ рече Јанкуловски.
Тој потсети дека и во 2024 година, земјата постигнала солиден раст – од 2,4% на 3%. Според него, следењето на фискалните параметри на дневно и квартално ниво е клучен елемент за овие резултати.
Даночните приходи со значителен пораст во првиот квартал
Јанкуловски истакна дека даночните приходи во првиот квартал од 2025 се значително зголемени во однос на истиот период лани.
„До 24 април 2025 година, даночните приходи се за 30% поголеми. Вкупните приходи за 12% во споредба со првиот квартал од минатата година,“ изјави тој.
Јанкуловски увери дека буџетот е во „одлична кондиција“, и дека неодамнешните доцнења на платите не се поврзани со буџетски проблеми, туку со административни потешкотии кои, според него, веќе се надминати.
Оптимизам и стабилност како водечки економски сигнали
Во своето излагање, заменик министерот нагласи дека владата останува фокусирана на стабилни фискални политики, редовно следење на приходите и континуирано подобрување на буџетската дисциплина.
Со овие пораки, Јанкуловски се обидува да внесе доверба и кај граѓаните и кај инвеститорите, укажувајќи дека економските трендови и буџетските индикатори се во нагорна линија, и покрај глобалната неизвесност.