Суга беше назначен на оваа функција пред само една година, по оставката на Шинѕо Абе, кој се повлече од здравствени причини. Неочекуваната објава на јапонскиот премиер доаѓа откако рејтингот на Суга се намали на рекордно ниско ниво.
Јапонија – која се уште е во вонредна состојба – сега се бори со најлошиот бран на коронавирус досега. Земјата, која досега евидентираше повеќе од 1,5 милиони случаи на коронавирус, исто така, спроведува бавна вакцинација, поради што наиде на големи критики во јавноста.
Одлуката за домаќин на Олимписките игри оваа година и покрај влошената пандемија, исто така, се покажа како многу непопуларна меѓу Јапонците.
Во соопштението од партијата се наведува дека Суга нема да се кандидира за лидер на партијата, туку сака да се сконцентрира на борбата против Ковид-19.
Владејачката ЛДП треба да одржи избори на 29 септември, на кои ќе избере свој претседател. Победникот на лидерските избори се очекува да биде премиер на Јапонија, бидејќи ЛДП има парламентарно мнозинство.