Јас не би ги коментирал нивните одлуки , решенија или активности што ги направиле. Но, би искоментирал такви моменти во кои што би се рефлектирало на другите состојби, дали во општината, Градот или пак државата. И сметам дека во 21 век во услови кога сериозно гледаме да си ја спасиме државата, да ги придвижиме процесите напред, да се покажува таква една идеолошка порака за личност која што е докажана и меѓу самите Албанци како негативна, и се уште не можат да ги заборават последиците од неговото владеење е неприфатливо, истакна Тони Јаревски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во утринската емисија на радио „Лидер“ коментирајќи го поклонувањето на Левица на гробот на Енвер Хоџа.

Јаревски додаде дека е неприфатливо пратеник, а и претседател на партија да оди и да се поклонува во Албанија на гробот на Енвер Хоџа. Тоа треба да го осудат сите партии во Македонија.

„Она што мене ме интересира, мене што ме засега и сите нас што треба да нѐ засега е улогата која што ја имаат на функционирање во процесите и при самите одлуки. Ако веќе некој е носител на определена функција, избрана, јавна итн. си има соодветна тежина. И такви пораки со посетата на Енвер Хоџа е лоша“, нагласи пратеникот.

Тој посочи дека е загрижувачки и однесувањето и делувањето на Левица во самата Општина Карпош.

„Едната одлука на Левица од која што навистина бевме згрозени е каде што избегнаа дискусија и отидоа да дадат поддршка на еден ДУП во делот на Злокуќани. Тој беше изгласан со нивна поддршка и СДС. И тука буквално се декларираа како концесионери на градежната мафија“, рече Јаревски.

Пратеникот укажа дека со еден чекор Левица ги погази сите свои заложби, сите свои принципи. Буквално се разоткрија какви се. Маската на Левица падна, јавноста ги откри нивните намери.