Секој ден од оваа кампања сум по градовите и селата и го носам гласот на секој човек од нашата земја, рече вечерва пред скопјани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од централниот митинг на партијата пред вториот криг на локалните избори Мицкоски порача дека тоа е гласот на Македонија, а Македонија бара промени.
Го носам и гласот на работниците, на невработените. Го носам и гласот на докторите, пензионерите, професорите. Го носам и гласот на младите кои си заминуваат. Го носам како во едно гласот на левата и десната страна на градот, и на обесправените, на оние што се борат за преживување со голиот живот, секој еден ден и секој час. На разочараните, гласот на левите и десните, на оние што се борат за достоинство, за честа и за македонски градови и села, гласот на луѓето од Тетово до Битола и Ресен, од Куманово до Струмица и Гевгелија. Овој глас е силен, затоа што тоа е гласот на Македонија кој бара промени. Промени и ќе се случат. Доаѓаат нови подобри времиња, порача лидерот на опозицијата.
Посебна чест ми е, рече Мицкоски, затоа што моето присуство овде до оваа точка на развој на настаните по сите перипетии што се случија во државава, никој не го очекуваше.
Откога знам за себе и како ме учеле моите родители, ние како семејство сме споделувале искрена љубов кон нашата татковина, и секогаш, ама секогаш, сме биле одлучни да работиме и да создаваме за доброто на другите луѓе, да помагаме, да придонесуваме за државата и за општеството. Мојата мајка беше лекар, илјадници пациенти поминале кај неа и таа секогаш со љубов, посветеност и грижа им помагаше. Мојот татко – конструктор во МЗТ околу 17 години, а потоа факултетски професор, беше строг и праведен, секогаш ме учеше да се соочувам со предизвиците стоечки и мудро, и да гледам напред, да мислам на повисоки цели, како можам да подобрам нешто од моето опкружување, како да придонесам да биде подобро за сите.
Јас сум човек кој многу учел, дури некогаш и кога другарите го користеа своето слободно време, јас бев затрупан со книги. Нормално, имало и излегувања и шетања и забави, но јас секогаш сум гледал чекор подалеку. Таков сум по природа.
Моите дедо и баба беа пак нешто друго. Нивниот однос беше пример и гордост за мене. Среќен сум што имав од кого да учам.
Стојам овде знаејќи дека мојата животна приказна во својата суштина е дел од животните приказни на многумина, кои сме растеле во нашето време, приказна за воспитување, макотрпна работа, жртвување за други, некогаш и некои што не ги познаваш, борба за повисока цел, желба да биде добро, да живееме во нормална држава каде ќе има правила и ред, каде ќе се почитуваме дури и ако различно размислуваме, каде ќе знаеме дека сме свои на своето, дека нашите деца имаат иднина тука, тоа се вредностите во кои верувам.
Пред скопјани Мицкоски се обврза дека нема да се реваншира на луѓето од други партии, на оние кои мислат инаку.
Јас нема да кажам дека се зло луѓето што не се согласуваат со моите ставови, како што тоа го кажува премиерот Заев. Јас ги почитувам тие луѓе и гледам во нивните забелешки ако грешам и верувам во тоа дека е така, да се исправам. Но јас ги почитувам. Од мене нема да видите реваншизам да губите работно место зашто мислите различно. Не. Од мене ќе видите подадена рака за соработка, затоа што ние сме многу малку во Македонија. И не само што е жалосно да сме поделени и раскарани по разни основи, туку е и катастрофално штетно за иднината на државата. Иднина која мора заедно да ја создадеме. Ви должам вам, на народот на Македонија, и јас таа ваша доверба никогаш нема да ја изневерам.