ЈАСНА ПОРАКА ОД МОСКВА

Русија официјално не го прифаќа предлогот за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура. Ова го потврди шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Со изјавата, како што пренесуваат медиумите, се става крај на шпекулациите за можен договор меѓу Москва и Киев околу таканареченото „енергетско примирје“, што претходно го предложи украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Според објавата на „Киев пост“ на платформата Икс, Лавров јасно порачал дека Русија не гледа основа за ваков прекин на огнот. Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да коментира дали ваквата иницијатива воопшто е разгледувана.

Во изминатите денови, во јавноста се појавија непотврдени информации за наводни неформални насоки до двете страни. Според тие тврдења, руските и украинските сили привремено требало да ги запрат нападите врз енергетските објекти.

Овие информации главно циркулираа на воени блогови и Телеграм-канали. Ниту една од страните не ги потврди официјално.

Про-Кремљ ориентираниот блогер Владимир Романов тврдеше дека руските сили наводно добиле наредба да се воздржат од напади врз украинската енергетска инфраструктура. Во објавите се споменуваа трафостаници, термо- и хидроцентрали, како и складишта за гас, нафта и гориво.

Според тие наводи, ограничувањето требало да важи до 3 февруари. Паралелно, украинскиот канал „Супернова плус“ објави дека слична, но неофицијална инструкција, наводно била пренесена и до украинските војници.

Овие тврдења беа поврзани со трилатералните разговори одржани на 23 и 24 јануари во Абу Даби. На средбите, според информациите, учествувале и претставници на Соединетите Американски Држави.

Според извори блиски до разговорите, се разгледувала можноста Русија да ги запре нападите врз украинските енергетски капацитети. За возврат, Киев требало да се воздржи од напади врз руски нафтени постројки и танкери.

Сепак, украински извори предупредија дека не е постигнат конечен договор. Според нив, секој евентуален прекин би бил времен и исклучително кревок.

Во меѓувреме, Лавров дополнително ја заостри реториката кон Киев и Западот. Тој оцени дека Украина е инструмент во поширок геополитички судир.

„Украина е пион и алатка што Западот ја користи за создавање директни закани за безбедноста на Русија, директно на нашите граници. Овој конфликт е голема конфронтација меѓу Русија и Западот – и тоа е факт“, изјави Лавров во интервју за турски медиуми, пренесе ТАСС.

Со ваквите пораки, Москва сигнализира дека деескалацијата во енергетскиот сегмент засега не е приоритет. Конфликтот, барем во овој дел, останува отворен.

 

ЈАСНА ПОРАКА ОД МОСКВА