Јавна расправа за предлогот за изменување на Кривичниот законик во Собранието
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска, на својата 51. седница, ќе одржи јавна расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик – законско решение кое отвора сериозни прашања за борбата против корупцијата, заштитата на приватноста и усогласувањето со европските стандарди.
Иницијативата е поднесена од група пратеници, меѓу кои Бојан Стојаноски, Љупчо Пренџов, Тони Јаревски, Бране Петрушевски, Драгана Бојковска, Дафина Стојаноска, Игор Здравковски, Лидија Петкоска и Мартин Стојановски. Според образложението објавено на веб-страницата на Собранието, со предложените измени се настојува да се надминат сериозни слабости во постојните законски решенија и да се постапи по одлуката на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година, објавена во „Службен весник“ број 58/25.
Фокусот на измените е ставен на заострување на казнената политика, особено кај кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Злосторничко здружување“. Со зголемување на предвидените казни, предлагачите сметаат дека повторно ќе се зајакне превентивната и репресивната улога на казненото право, што во изминатиот период, според нив, била значително ослабена.