36% од работните места во јавниот сектор под ризик од AI
Технологијата за вештачка интелигенција би можела драстично да го промени пазарот на труд во јавниот сектор, предупредува нова анализа на консултантската фирма „Роланд Бергер“. Според студијата, повеќе од една третина од вработените ширум светот се во ризик нивните работни места да бидат заменети или трансформирани.
Истражувањето опфатило 351 милион работни позиции во јавниот сектор, разгледувајќи 450 занимања според класификацијата на Меѓународната организација на трудот.
Податоците покажуваат дека 36 проценти од работните места би претрпеле значајни промени, што ќе влијае врз околу 125 милиони луѓе кои работат со полно работно време.
Сепак, не се работи само за губење. Околу 22 проценти од позициите би се „надградиле“ – дел од задачите би ги презела вештачката интелигенција, додека на вработените би им се довериле нови одговорности. Ова сценарио најмногу се однесува на администрацијата, јавните финансии и образованието.
Во исто време, приближно 7,5 проценти од работните места би можеле целосно да исчезнат. Најзагрозени се административните служби и кол-центрите, каде задачите лесно може да се автоматизираат, пренесува француската телевизија БФМ.