Назначувањето на јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје за координација на предметите поврзани со безбедноста на новинарите е нотирано во најновиот Глобален индекс за слободата на медиумите на организацијата „Репортери без граници“, објавен по повод 3 мај – Денот на слободата на медиумите. Со индексот земјава е рангирана на 38 место во светот според медиумските слободи, што претставува скок од 19 позиции во однос на минатата година и најдобар ранг од сите земји во регионот.
„Во главниот град е назначен посебен обвинител за координација на предметите поврзани со напади врз новинари, а се разгледува можноста за слични назначувања и во други градови во земјата“, се наведува во извештајот на „Репортери без граници“ за Македонија.
Основниот јавен обвинител на скопското обвинителство назначи посебен јавен обвинител да го следи и да го координира постапувањето во предметите кои се однесуваат на безбедноста на новинарите. Во статистиката на овој тип кривични дела се вбројуваат оние кривично-правни настани во кои новинарите се оштетени при вршење на нивната новинарска должност, односно постојат индиции дека нападот е поврзан со вршењето на новинарската професија. Но, исто така, Јавното обвинителство проактивно го следи постапувањето и во предметите каде новинарите не се оштетени, туку се пријавени лица или повикани за сведоци во одредени постапки.
Согласно статистиката на Јавното обвинителство, во 2022 година на територијата на целата држава се евидентирани четири случаи поврзани со напади врз новинари, од кои три се решени:
ОЈО Гостивар постапуваше против едно лице за физички напад врз новинар со секира. По поднесено обвинение изречена е пресуда за кривично дело – Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница од член 133 од Кривичниот законик.
ОЈО Скопје поднесе обвинение за напад врз новинарска екипа. По признание на вина изречена е пресуда за кривично дело од член 386 од Кривичниот законик.
ОЈО Скопје во предмет за закани против новинар преку анонимен профил на една социјална мрежа донесе резолуција дека нема можност за јавнообвинителско постапување, бидејќи од социјалната мрежа беше добиен одговор дека не може да се идентификува корисникот на профилот од каде се упатени заканите и кој во меѓувреме е згаснат.
Нерешен останува еден предмет на физички напад на новинар, во кој Основното јавно обвинителство Битола интензивно ги издава сите наредби за идентификација на сторител на кривичното дело. Издадени се наредби за вештачење, за обезбедување и прегледување на снимки од видео надзор, барања до мобилни оператори и насоки за обезбедување други докази. Сторителите се уште не се идентификувани.
Од почетокот на годинава регистрирани се уште два предмети во надлежност на ОЈО Скопје, од кои во еден е поднесено обвинение, а другиот е во предистражна постапка.
Јавното обвинителство, во насока на заштита на слободата на изразување, дава и ќе продолжи да дава приоритет на постапувањето по предметите кои ја засегаат безбедноста на новинарите.