Јавното обвинителство соопшти дека по службена должност отворило предмет за утврдување на идентитетот и за евентуалната кривична одговорност на повеќемина кои преку коментари на „Фејсбук“ упатувале сериозни закани кон новинарот и уредник на телевизијата „Канал 5“, Александар Видиновски.
„Коментарите биле објавени под видеоприлог на новинарот, кој се однесува на непрописно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост,“ информираат од Обвинителство.
Во насока на заложбите за заштита на безбедноста на новинарите и за итно постапување за секое загрозување на медиумските слободи, се посочува во соопштението, имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за новинар и за уредник што врши дејност од јавен интерес и професионални задачи, предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје со цел да преземе дејства за испитување на индициите за евентуално постоење елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност.
Во меѓувреме и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и за смртните закани упатени кон новинарот Видиновски.
