Директорот на „Експо 2027 Белград“ Данило Јериниќ ги повика македонските компании да го искористат Експо 2027 за нови бизнис-партнерства и пласман на своите производи и услуги на меѓународниот пазар. Околу 100 македонски компании веќе покажале интерес за учество на Експо.

Јериниќ на денешната презентација на можностите што ги отвора Експо 2027 за Македонија, Србија и регионот посочи дека изложбата ќе биде значајна платформа за деловно поврзување, со очекувани повеќе од 50.000 бизнис-разговори.

– Нашата цел е да создадеме една платформа каде што компаниите од Македонија ќе можат да се претстават, да најдат партнери и да отворат нови можности за соработка. Експо не е само изложба, туку и голема економска и деловна можност за целиот регион.

Како што беше посочено, на Експо 2027 ќе учествуваат повеќе од 140 меѓународни учесници, а се очекуваат над четири милиони посети и околу 1,2 милиони странски туристи.

– Ве повикуваме да ја искористите можноста, да ги повикате преку претставувањето на вашиот павилјон да ја посетат Македонија, подобро да ве запознаат, да ги запознаат вашите туристички потенцијали и на тој начин да имаме дополнителна корист. Од друга страна, тука е економијата, која навистина е во огромен фокус кога станува збор за нашиот Експо. Очекуваме повеќе од 50.000 деловни разговори во текот на 93-те дена на Експо следната година. Од таа причина, многу е важно навистина, како земја учесник, да се подготвите за тие разговори, да ги отвориме потенцијалите, да ги отвориме можностите за бизнис, за разговори, да отвораме нови проекти, да отвораме нови работни места и заедно како регион да напредуваме и да одиме понатаму – рече Јерениќ.

Истакна дека дополнителен потенцијал за деловна соработка претставуваат националните денови, на кои се очекува присуство на претседатели, премиери, министри и бизнис-делегации.

– Имајте предвид дека сите меѓународни учесници за време на Експо ќе организираат свој национален ден, а на нивниот национален ден ќе дојдат претседатели, министри, премиери и деловни делегации. Сите тие деловни делегации, делегациите на стопанственици, им се достапни на сите меѓународни учесници, така што утре вашиот претседател, премиер и министри можат да разговараат со нив во Белград, можат да го искористат нивното присуство и тоа навистина претставува огромен дипломатски потенцијал – рече Јерениќ.

Тој оцени дека волонтерската програма ќе биде можност младите од различни земји да стекнат практично искуство, да се запознаат со други култури и да создадат контакти што би можеле да претставуваат значаен дел од наследството на Експо.

– Досега од Македонија имаме пријавено речиси 1.000 млади луѓе кои сакаат да бидат дел од волонтерската програма, кои сакаат да работат со земјите учеснички на нивните павилјони, кои сакаат да работат заедно со нас. Тоа навистина е вистински доказ за тоа како и на кој начин сме поврзани, колку сме отворени, колку сакаме заедно, на крајот на краиштата, да работиме. И сакам навистина да испратам една многу јасна порака: младите луѓе и сите оние кои сакаат да се пријават во таа волонтерска програма, бидејќи тоа навистина ќе биде едно големо дружење, една голема шанса за сите да се запознаат и да разговараат – посочи Јерениќ.

На новинарско прашање за тоа дали е направена стратегија за искористување на објектите по завршувањето на Експо, Јериниќ рече дека нивната намена е планирана уште од кандидатурата.

– Кога станува збор за наследството и за она што го работиме по Експо, во целиот процес на кандидатурата што го имавме ние, во тие две и пол години, тоа за нас всушност беше огромна предност, бидејќи од првиот ден знаевме како ќе го користиме секој квадратен метар по Експо – рече Јерениќ.

Тој појасни дека просторот е поделен во три зони – зона на меѓународни учесници, тематска зона и зона на најдобри практики.

– Што се однесува до зоната на меѓународните учесници, тука всушност го градиме новиот Белградски саем, кој ќе го премести своето работење кога ќе заврши Експо, за да добиеме целосно нов, модерен простор, технолошки современо опремен и сообраќајно совршено поврзан, бидејќи во непосредна близина се наоѓа едно навистина огромно сообраќајно јазло, не само за Србија и Белград, туку и за тој дел од Европа – додаде Јерениќ.

Од зоната на најдобри практики, како што информираше Јериниќ, по Експо ќе бидат направени три училишта, три градинки и околу 20 фискултурни сали, кои ќе бидат распоредени низ Србија.

Во однос на Mакедонскиот павилјон, комесарот Александар Велиновски информираше дека Македонија ќе настапи под мотото „Сите ритми на сонцето“, со концепт поделен во седум тематски целини чиј фокус ќе биде ставен врз современиот лик на општеството, гостопримството, македонското вино и храна, како и врз туристичките и креативните потенцијали.

– Ние не одиме во историјата, туку сакаме да го претставиме општеството такво какво што е денес. Токму поради тоа одлучивме нашите современи атрибути да ги претставиме во форма на гостопримство, што ќе придонесе утре да се унапреди и туризмот во целата земја, но не само во земјата, туку и во регионот. Знаете дека ниту еден посетител од Кина не доаѓа наменски само во Србија или само во Македонија, туку сака да ја посети и Албанија, и Хрватска, и Босна, и Македонија, и Србија. Она што ќе го издвои Mакедонскиот павилјон и што ќе биде присутно таму се македонското вино и македонската храна. Тоа се нашите атрибути и, секако, претставуваме нешто што е загреано од македонското сонце, кое е и наш заштитен знак за самиот павилјон – рече Велиновски.

Информираше дека вкупниот трошок ќе изнесува нешто над еден милион евра, при што поголемиот дел од средствата ќе бидат наменети за изградбата.

– Поголемиот дел од буџетот ќе оди за изградбата на самиот павилјон, почнувајќи од ангажирањето архитекти, дозволите за градба и сите протоколи што мора да се направат во Србија. Тука станува збор за нешто над еден милион евра како вкупен трошок за нашиот павилјон – рече Велиновски.

Комесарот појасни дека првично било предвидено павилјонот да зафаќа површина од 330 метри квадратни, но по прифатените барања за целосна презентација на гастрономските и винските капацитети, добиен е простор од 660 метри квадратни.

– Морам да напоменам дека на почетокот Македонија тргна со павилјон од 330 квадратни метри, меѓутоа, поради одредени технички барања од наша страна, за да бидеме, нели, изразени и со вино и со храна и со сè, направен беше одреден компромис, со што добивме уште еден среден павилјон, односно 660 квадратни метри – рече Велиновски.

На јавниот повик за учество на стопанството, кој заврши на 1 септември, се пријавиле околу 100 компании од секторите транспорт, логистика, преработка, мебел, метална индустрија, приватно здравство, козметика, спа и дентални услуги. Селекцијата е извршена во соработка со Сојузот на стопанските комори на Македонија, кој ќе спроведе обуки за подготовка на деловните настапи по тематски недели.

Експо 2027 Белград ќе се одржи од 15 мај до 15 август 2027 година под мотото „Игра за човештвото: спорт и музика за сите“. Македонскиот павилјон ќе биде под мотото „Сите ритми на сонцето“, со седум тематски целини посветени на современа Македонија, гостопримството, македонското вино и храна, туризмот и регионалната соработка.