Скопјанка обвинета за тешки дела против безбедноста во сообраќајот
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 40-годишна скопјанка за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, според член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Според истрагата, на 3 јануари вечерта, во Волково, осомничената управувала автомобил „Мерцедес“ и задржала ист правец на движење, но не обрнала доволно внимание на пешаците кои се наоѓале на коловозот или почнале да го преминуваат.
Со предниот десен дел од возилото, таа удрила во пешакот Горан Иваноски, кој се движел покрај десниот рабник вдолж коловозот во истата насока пред автомобилот. Иако пешакот требало да се движи по тротоарот, од ударот тој се здобил со повреди од кои починал на лице место.
Јавниот обвинител издал повеќе наредби за вештачења за утврдување на сите околности на сообраќајната несреќа. Во меѓувреме, за осомничената се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште и одземање на патната исправа.
