Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против едно лице за кривично дело насилство од член 386 став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што денеска соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, осомничената 38-годишна скопјанка, на 23 октомври во угостителски објект во Скопје, извршила грубо насилство кон една оштетена, физички напаѓајќи ја со тврд предмет и нанесувајќи и повреда на главата.

– Притоа упатила и вербални закани кон оштетената и кон други присутни лица, со што предизвикала чувство на несигурност, загрозување и страв. Ценејќи ги сите околности, пред се можноста за повторување на агресивното и насилното однесување, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка на претпазливост – забрана за осомничената да се приближува или да воспоставува контакти со оштетената, појаснуваат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Претхоно и МВР излегоа со детали за нападот. Од МВР информираат дека вчера полициски службеници од СВР Скопје ја лишиле од слобода Е. Т. П. (38) од Скопје постапувајќи по пријава од Е. Р. (37) од Скопје дека на 23.10.2023 во угостителски објект на подрачјето на Центар со тврд предмет била нападната од Е. Т. П..

„Со Е.Т.П. е извршен службен разговор и таа го признала делото, а извршен е разговор и со сведоци на настанот. По документирање на случајот, против Е. Т. П. е поднесена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ и е предадена на ОЈО Скопје, информираат од МВР.