Ние како дел од Платформата за родова еднаквост во последно време имавме многу средби и реакции на случаи кои ги погодуваат жените. Се случуваше жени од банална здравствена интервенција да починат, се случуваше семејно насилство, се случуваше насилство врз жените на улица како што е случајот со таксистот, вели Лилјана К. Јоноски, претставничка на Платформата за родова еднаквост, во СТУДИО 10 на ТВ 24.
-Ме изненади реакцијата на министерката во однос на мотото на денешниот марш. Не е неосновано прашањето што го поставуваме. Точно дека ако на една жена и се случило нешто тоа нема да им се случи на сите, но не смее понатаму да и се случи истото на друга жена. Реалноста ни кажува дека имплементацијата на ратификуваните меѓународни документи не е доволна. Ние се соочуваме со секојдневни ситуации на загрозеност на жените по различни основи, вели Јоноски.
Маршот што го организира денеска Платформата за родова еднаквост не е само за жените, вели Јоноски, треба да се вклучат и мажите и особено претставници на институциите кои имаат моќ да влијаат на унапредување на родовата еднаквост во земјата.
-Години наназад како Платформа работиме на родово базирано насилство, економската положба на жените, законската регулатива што се однесува на проблемите што ги засегаат жените, социјалната заштита на жените итн. Нам ни е важно жените во политиката да не бидат само бројка од квота туку да учествуваат активно во креирањето на политики и на државно, а особено на локално ниво, вели Јоноски.