Најдобро би било за време на претседателските и парламентарни избори да се организира и референдум за искористување на средствата од самоприденосот за реконструкција на главната водоводна линија, истакна денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Организирањето на изборите и на референдумот за штипјани во исти ден е во полза на тоа да не се користат дополнителни средства за организирање на референдумот за штипјани. Јорданов вели за да се постигне потребниот цензус истиот треба да се одржи на вториот круг од претседателските, кога ќе се гласа и за избор на народни пратеници во македонското Собрание.

-Веќе разговарав со поголем дел од советниците и ќе закажеме седница на Совет на којашто ќе се донесе одлука за распишување на референдум, што би требало да се одржи на истата дата кога ќе бидат и парламентарните избори. На тој начин ќе ги мотивираме граѓаните да се изјасанат по однос на искористување на овие средства, кои губат од својата вредност, рече Јорданов.

Околу еден милион евра од самопридонесот се на посебна трезорска сметка. Штипскиот градоначалник, Јорданов смета наместо овие пари да ја губат својата вредност треба да се инвестираат во најголемиот проблем за штипјани, а тоа е водоснабдувањето. Поради старата главна водоводна линија, постојано се случуваат дефекти и голем дел од домаќинствата остануваат без вода за пиење.

-Со овие средства ќе можеме поголем дел од главната водоводна мрежа да биде променета, да се направи план за поставување на вентили, коишто ќе придонесат за евентуални дефекти, за да не остане градот без вода, туку ќе се изолираат улиците каде што е настанат дефектот, вели Јорданов.

Локалните власти во Штип низ годините наназад имаа два неуспешни референдуми, токму за овие пари од самопридонесот.