Државата тоне во економска, енергетска и здравствена криза, во земјава се живее потешко и затоа неопходни се промените час поскоро, вели градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов за „Анализа“ на ТВ24, при што посочи дека таквите промени ќе се случат само со предвремени парламентарни избори и тоа без техничка влада која досега се покажа како нефункционална.

– Се покажа дека техничката влада е нефункционална и не испорачува резултати во тие 100 дена, затоа и треба да се укине. Ако народот одлучи да направи промена на власта, односно она што се случи на локалните избори ќе се случи и на предвремените парламентарни избори, рече Јорданов.

Тој нагласи дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ поднесе измени на законот да се укине техничката влада и народот да биде тој кој одлучува без никакви условувања.

– Дефинитивно час поскоро треба да се случат промени во Македонија затоа што треба да се надмине оваа финансиска, енергетска и здравствена криза во која што сиромаштијата владее, недовербата се зголемува, а граѓаните од ден во ден живеат се потешко и потешко. Од актуелната власт не гледаме решавање на состојбата туку само одредени политички случувања кои не носат ништо ново, а одговорноста е кај власта, а во Македонија треба да се случат промени, изјави Јорданов.

За новата влада тој изјави дека ова е состав кој го состави Зоран Заев, луѓето кои досега владееја со Македонија и тоа е уште една причина за предвремени парламентарни избори, за граѓаните повеќе да не трпат штета, бидејќи секој изминат ден со оваа влада е продолжување на погубните политики.