Преземање на функцијата и благодарност кон претходникот

Со голема чест и чувство на одговорност, денеска (10.11.2025) Александар Јовановски ја презеде функцијата градоначалник на општина Кичево. Во своето прво обраќање, тој нагласи дека должноста ја гледа како обврска кон граѓаните, а не како привилегија.

„Оваа должност не ја гледам како привилегија, туку како обврска, обврска пред Вас, граѓаните, да работам посветено, транспарентно и во интерес на сите“, истакна Јовановски.

На самиот почеток, новиот градоначалник се заблагодари на досегашниот градоначалник, Фатмир Дехари, за долгогодишниот ангажман и придонес.

„Почитта кон сработеното е темел на секој напредок, а континуитетот и соработката се клучот за идни успеси“, додаде Јовановски.

Визија за поотворена и инклузивна локална самоуправа

Јовановски истакна дека целта на неговата администрација е создавање локална самоуправа блиска до граѓаните, отворена за идеи и решенија, и која ќе ги слуша сите, без разлика на политичка, етничка или верска припадност.

„Нашиот град има потенцијал, има вредни луѓе и има визија за подобра иднина. Верувам дека со заедничка работа, искрен дијалог и посветеност ќе создадеме поубав, поправеден и поуспешен град за сите нас и за идните генерации“, нагласи Јовановски.

„Нека е аирлија, да продолжиме напред заедно, за мене како што знаете поделбите не постојат, она по што ќе се водиме е достоинствен живот за сите“, заклучи новиот градоначалник.