Поголема кличина на недозволени предмети се откриени при претресите што утрово беа извршени во Казнено поправната установа Идризово со цел обезбедување доказни материјали, информира за МИА директорот на КПУ Идризово – Скопје, Зоран Јовановски.
Тој нагласи дека веќе се завршени претресите.
Во акција координирана од Основното јавно обвинителство Скопје, поради сомневања за кривично-правни дејствија, утрово се извршени претреси во КПУ Идризово – Скопје со цел обезбедување доказен материјал, информира претходно ОЈО Скопје.
Лани во октомври најмалку десет полицајци и дел од затворениците беа повредени при судир кој настанал во затворот Идризово. Затворениците пружиле отпор на обидот на полицијата да изврши претрес во ќелиите, но полицајците ги совладале, рекоа тогаш од МВР. При претресот беа најдени над 80 парчиња ладно оружје, мобилни телефони и дрога.
Во меѓувреме, во најголемиот македонски затвор сѐ уште е на сила кризната мерка со која овој затвор надворешно е обезбедуван од војска и полиција.