Јовева: Не може да се одземе идентитет со лобирање или гласање

Словенечката европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева, по усвојувањето на извештајот за напредокот на Македонија, изјави дека тоа никако не значи негирање на македонскиот јазик и идентитет. Таа појасни дека Европскиот парламент не може, ниту ќе си дозволи, да одлучува за јазикот и идентитетот на било кој народ.

„Идентитетот не може да се земе ни со лобирање, ни со гласање. Се случи тоа што се случи. Знам дека е тешко, и не е фер, како што и многу други работи не се фер, можеби и понефер од ова. Но сакам народот да знае дека Европскиот парламент токму затоа не сака да се меша во ова прашање – затоа што го признава македонскиот народ, јазик и идентитет“, изјави Јовева.

Јовева отфрли шпекулации за грчко-бугарското лоби

Јовева отфрли дека грчко-бугарското лоби имало пресудно влијание во усвојувањето на извештајот. Според неа, ако навистина надвладеело тоа лоби, би поминале и радикалните амандмани со формулации како „модерен идентитет“ или „модерен јазик“. Таа нагласи дека токму тоа не се случило.

„Тоа што дел од текстот е избришан не е последица на ничие лобирање, туку принципиелен став дека Европскиот парламент не одлучува за идентитетот и јазикот на народите“, подвлече Јовева.

Фокусот треба да остане на реформите и иднината

Во однос на пораката што се испраќа кон Македонија и нејзините граѓани, Јовева апелираше дека треба да се задржи фокусот на реформите и подобрувањето на животниот стандард, а не на наративите што шират заблуди.

„Македонскиот народ заслужува подобро од ова што го има. А подобро нема да се постигне ако не се продолжи со европскиот пат. Овој извештај е позитивен по суштина и тоа треба да се гледа како можност, не како закана“, рече таа.

На крајот, таа им се обрати на европратениците и на јавноста со силна порака: „Идентитет кој опстанал со векови нема да исчезне поради едно гласање или поради лобирање. За да постои, на македонскиот народ не му треба ничија дозвола“.

За потсетување, таа завчера одржа говор во којшто на македонски јазик се обрати до бугарските европратеници.

Откако беше изгласан извештајот свој коментар даде и премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски: „Светот го виде вистинското лице на Бугарија – борбата не завршува денес“