За прв пат сите административни службеници опфатени со поединечни договори

Македонскиот јавен сектор постигна историски резултат – за прв пат сите административни службеници во државата се опфатени со поединечни колективни договори. Професорот Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ на својот Фејсбук профил го оцени овој потег како голем напредок во трудово-правниот систем.

„Вкупно 59 државни институции плус целото судство и јавно обвинителство потпишаа колективни договори во изминатите неколку дена. Социјалниот дијалог во јавниот сектор испишува историја! Тоа што никому досега не му успеваше, денес стана реалност на трудово-правниот систем во земјата“, наведува Јовевски.

Кумулативен раст на платите и развој на социјалниот дијалог

„Најголемата новина е што платите растат кумулативно повеќе од 40% за следните 24 месеци (заклучно со март 2028 година). Направена е добра работа! Тоа што треба да се развива во иднина е културата на социјален дијалог во бизнис секторот, како и зрелоста социјалните конфликти да се решаваат на мирен начин!“, додава професорот.