Варади истакнува дека се создавааат можности за нови авиолинии, зголемување на фреквенциите на популарните дестинации, со поголем избор и флексибилност за патниците по ниски цени. Со шестиот авион посочува дека лансираат нови рути од Скопјe до Бари, Неапол, Будимпешта, Келн, Штутгарт, Ларнака, Мадрид, Прага и Стокхолм, како и четири нови рути од Охрид до Базел, Милано, Катовице, Вроцлав.
Го зајакнуваме присуството на „Виз Ер“ во Македонија со зголемување на флотата со шести авион во Скопје и 13 нови рути на нашата веќе широка мрежа, инвестирајќи истовремено во професионалниот развој на младата работна сила, вели Јожеф Варади, извршен директор на „Виз Ер“, во интервју за МИА.
Македонскиот пазар го истакнува како еден од најважните во Западен Балкан, со Скопје како база за постојан раст.
-Со нудење опции за патување со ниски цени им олеснуваме на туристите да ја посетат Македонија и да ги откријат нејзините природни убавини, култура и гостопримство, нагласува Варади.
Ги посочува придобивките од зголемување на приходите од туризмот, поттикнување на деловните врски, јакнење на интеграцијата на земјата со Европа, но и создавање нови локални работни места за кабински персонал, пилоти и инженери.
Варади и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера на прес-конференција во македонската Влада најавија уште пет авиолинии до Скопје и до Охрид, зголемување на флотата со уште еден авион во базата на Меѓународниот Аеродром Скопје, како и уште 100 вработувања на кадри од државава во авиокомпанијата, покрај постојните 200.
Со најавените авиолинии, од идната летна сезона на летање која почнува на крајот од март следната година Меѓународниот Аеродром Скопје првпат ќе се поврзе со Неапол (Италија), а повторно се воведува дестинацијата Будимпешта (Унгарија). Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид, пак, добива директни летови до Милано Малпенза (Италија) и Вроцлав (Полска), а ја враќа рутата до Катовице (Полска).
Летовите од Скопје до Неапол и до Будимпешта од скопскиот аеродром ќе стартуваат на 30 март 2026 година, а ќе се реализираат секој понеделник, среда и петок. Од охридскиот аеродром летовите до сите три дестинации ќе се одвиваат два пати неделно, до Милано Малпенза ќе стартуваат исто така на 30 март 2026 година, а додека за Вроцлав на 7 јуни и Катовице, на 8 јуни идната година.
Авиокомпанијата „Виз Ер„ корисник на субвенции од државава од 2012 година, годинава најави летови од двата аеродрома во државава и од Стокхолм и Мадрид, што ќе стартуваат од 2 ноември, од Келн, Бари и Прага од 20 декември, како и од Ларнака од 30 октомври.
Во продолжение интервјуто во целост со извршниот директор на „Виз Ер“ Јозеф Варади:
„Виз Ер“ објави дека додава шести авион во својата база во Скопје во декември. Што значи ова проширување за вашите операции во Македонија?
– Многу сме возбудени што го зајакнуваме нашето присуство во Македонија со поставување шести авион во Скопје и додавање 13 нови рути на нашата веќе широка мрежа. Ова проширување ја покажува нашата долгорочна посветеност на земјата. Тоа ни овозможува да додаваме нови рути, да ги зголемуваме фреквенциите на популарните дестинации и на крајот да им дадеме на нашите патници поголем избор и флексибилност по нашите познати ниски цени во комбинација со висок квалитет. Северна Македонија е еден од нашите најважни пазари во Западен Балкан, а Скопје продолжува да биде база за раст за „Виз Ер“.
Можете ли да споделите детали за новите рути што ќе бидат воведени како дел од ова проширување?
– Со шестиот авион, лансираме неколку нови и возбудливи рути од Скопјe до Бари, Неапол, Будимпешта, Келн, Штутгарт, Ларнака, Мадрид, Прага и Стокхолм, како и четири нови рути од Охрид до Базел, Милано, Катовице, Вроцлав. Тие вклучуваат и места за одмор и важни градови за деловни и семејни патувања. Исто така, ќе го зголемиме капацитетот на постојните рути за кои што има голема побарувачка. Нашата цел е да ја поврземе Македонија со што е можно повеќе европски дестинации, правејќи го патувањето подостапно и попристапно за сите.
Како го гледате придонесот на „Виз Ер“ кон континуираниот развој на воздухопловниот и туристичкиот сектор во Македонија?
– „Виз Ер“ работи во Македонија повеќе од една деценија и во тој период станавме најголемата авиокомпанија во земјата. Со нудење опции за патување со ниски цени, им олеснуваме на туристите да ја посетат Северна Македонија и да ги откријат нејзините природни убавини, култура и гостопримство. Ова ги зголемува приходите од туризмот, ги поттикнува деловните врски и ја зајакнува интеграцијата на земјата со Европа.
Освен поврзаноста, какви економски придобивки носи „Виз Ер“ во Македонија со овој нов авион?
– Секој авион што го сместуваме во една земја генерира значително директно и индиректно економско влијание. Со шестиот авион во Скопје, создаваме нови локални работни места за кабински персонал, пилоти и инженери, како и можности низ целиот синџир на снабдување во воздухопловството, од копнено ракување до угостителство и одржување. Покрај тоа, приливот на посетители што летаат со нас ги поддржува хотелите, рестораните и малите бизниси низ целата земја. Овој мултипликативен ефект е една од најголемите придобивки од нашето проширување.
Какви нови можности за вработување можат да очекуваат младите професионалци во Македонија со овој развој?
– Горди сме што сме работодавач по избор во Северна Македонија. Со ова проширување, ќе вработуваме нови членови на кабински персонал, пилоти, а на нашиот партнер за одржување ќе му требаат повеќе инженери. „Виз Ер“ нуди одлични можности за обука и кариерен развој, а ние сме посветени на негување на локалниот талент. Многу од нашите македонски колеги се стекнаа со лидерски улоги во компанијата. Го гледаме ова како инвестиција не само во иднината на „Виз ер“, туку и во професионалниот развој на младата работна сила во земјата.
Извор: Курир