ЈП „Лајка“ утре од 10 до 13 часот, организира отворен ден на кој ги поканува сите љубители на кучиња, особено оние што размислуваат да вдомат куче од прифатилиштето во овој стационар.

На отворениот ден во „Лајка“, како што посочуваат од претпријатието, се поканети и сите граѓани кои сакаат да донираат за да се подобрат условите во прифатилиштето за кучиња. Добредојдени се донации во форма на храна и средства за хигиена.

Граѓаните кои планираат или размислуваат да вдомат куче и сакаат својот миленик да го изберат од прифатилиштето на „Лајка“, ќе имаат можност на отворениот ден да се подружат со кучињата за кои се заинтересирани, да добијат детални информации за секое од нив, како и за процесот на вдомување.

– Дојдете во ЈП „Лајка“ да покажеме дека во Скопје постојат позитивни примери на граѓани, вистински љубители на кучиња кои се грижат и придонесуваат за подобрување на состојбата во која се наоѓаат овие бездомни животни, наведуваат од претпријатието.