Директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински, во денешното гостување во Утрински брифинг, ги истакна тековните и работните активности кои во согласност со плановите за работа, соработка со општините и Град Скопје ќе се реализираат во наредниот период, а во насока на подобрување на услугите за корисниците.
Перински ги повика граѓаните да ја искористат можноста за исплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање и на рати која завршува на 15 март 2022. Имено во овој период , преку Управниот одбор се донесе и нова одлука за зголемување на бројот на ратите на кои може да се склучи договор за исплата, со што домаќинствата можат да склучат договори до најмногу 48 рати, а правните субјекти до најмногу 24 рати во зависност од висината на долгот. Оваа мерка, односно акциите за наплата за долговите без камата за задоцнето плаќање се покажа многу ефикасна и истата прерасна во пракса на ЈП Водовод и канализација – Скопје. Досега се склучени околу 115 договори во вредност од околу осум милиони денари.
Тој додаде дека ЈП Водовод и канализација – Скопје нема побарувања до РКЕ за зголемување на цената на водата, иако претпријатието се соочува со предизвици како од пандемијата така и од ценовните шокови. Фокусот на претпријатието во наредниот период ќе биде насочен кон изведување на активности за подобрување на водоводната и канализационата мрежа, преку реконструкции на истата, особено на места каде што поголеми губитоци на вода и опасност од дефекти со цел да превенираме прекинато водоснабдување. Главен фокус ќе биде делот од општина Гази Баба каде што дефектите се најчести, по што активностите ќе се префрлат на целата територија на град Скопје. На овој начин ќе се делува во насока на заштита на водоснадителниот систем, но и на заштита на природниот ресурс, водата која врз основа на својот квалитет е на второ место во Европа, веднаш зад Виена. Перински, исто така повика и на одговорно однесување во однос на канализацискиот систем, бидејќи финансиските средства кои претпријатието ги троши како последица на оштетувања и кражби, може да ги насочи за реализација на реални проекти од голема важност и за претпријатието но и за граѓаните на град Скопје.
Перински посочи дека во тек е финансова ревизија од надворешна финансова куќа која претпријатието има обврска да ја направи на крајот на секоја фискална година, а истовремено се спроведуваат и ревизии кои се однесуваат на реконструкциите на постојната водоводна и канализациона мрежа. Постапките се уште се во тек, немаме конечен ревизорски извештај, а доколку се констатираат прекршоците кои ги има во нацрт извештајот, ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе ги информира надлежните институции.