Јавното претпријатие за државни патишта преку оглас бара 28 работници, да работат на изградбата на делници од коридорите 8 и 10Д.

Наместо „Бехтел и Енка“, јавното претпријатие нуди плати меѓу 30 и 70 илјади денари, за позиции градежен инженер, шофер и координатор на единицата за подготовка на проектот, на огласи кои ќе траат до 22 јануари 2028 година, последниот рок за изградба на делниците од коридорите.

Но, на огласот стои дека вработените ќе работат 40 часа неделно, а не како што се бара во предложените измени во Законот за работни односи, 60 часа во една работна недела. Премиерот Димитар Ковачевски пак, вели дека и сo сегашните законски решенија, со согласност на работникот, може да се работи повеќе од 40 часа.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пак, кои поседуваат безбедносен сертификат побараа од Ковачевски да го објави договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10Д. Заедно со барањето, ги доставија и безбедносните сертификати кои им овозможуваат пристап до владините документи квалификувани како државна тајна.

Во меѓувреме, во Собранието продолжи Комисијата за економски прашања, каде се разгледуваат измените во Законот за минерални суровини, во кој се бара да се дава дозвола за ископување на минералните суровини без документи и во рок од 10 дена откако ќе биде доставено барањето, но и ископ на суровини и шест месеци откако ќе бидат изградени автопатите.

Пратениците од мнозинството пак, го одбија амандманот на ВМРО-ДПМНЕ во кој се бараше бришење на членот 10, односно да остане актуелното законско решение за издавање на дозволи за ископ.

Комисијата за труд и социјална политика пак, која вчера беше закажана и експресно откажана, денеска не се одржа. Во неа се разгледуваат измените на Законот за работни односи, со кој за „Бехтел и Енка“ треба да се дозволи 60 часовна работна недела и работа во недела, а кој е блокиран со 1.117 амандмани.

Овие два закони се дел од пакетот 8 законски измени кои државата во догворот со „Бехтел и Енка“ се обврзала да ги направи, договор за кој премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе биде испратен само во Јавното обвинителство, но не и на увид на целата јавност.