Вработените во ЈСП Турс три месеци немаат земено плати.

 

Освен што не добиваат средства за егзистенција и три месеци се без плата, тоа со себе повлекува и други проблеми. Бидејќи не земаат плата, немаат ниту здравствено осигурување.

 

Тие родители преку себе ги имаат осигурано и своите деца, па поради несовесното работење на претпријатието кое е под капа на градот, не можат бесплатно да се лекуваат.

 

ЈСП Турс е без директор бидејќи никој не прифаќа да седне на фотелја и да раководи со нешто кое оди во пропаст.

 

Како што дознава КУРИР, последниот неуспешен обид да се стави директор се случил минатата недела.  Управниот одбор на ЈСП донел одлука еден од вработените да биде назначен за вршител на должност, но тој не се согласил со одлуката и истата ја одбил.

 

И додека тие бараат друга опција, вработените минуваат низ катастрофа. Голготата трае шест месеци, од кои три работат за без пари.

Уште во септември минатата година, тогашниот директор на ЈСП Турс, Филип Василевски, поднесе оставка до градоначалничката на Скопје.

 

Како причина за оваа одлука наведе дека е разочаран што Арсовска не ја исполнува програмата и што Градот под нејзино раководство нема нормална комуникација со јавното претпријатие.

 

-За период од 6 месеци, успеавме неколкукратно да ги зголемиме приходите во делот на превоз и туризам, како и да обезбедиме линеарно зголемување на платите за сите вработени. Но тоа не е доволно кога ЈСП Турс ја нема поддршката од Градот и нормалната комуникација со градоначалничката Данела Арсовска и со Генералниот директор Александар Стојковски. Морам да кажам дека разочарувачки е тоа што визијата која не обединуваше, проектите во кои веруваме и за која се обврзувавме пред скопјани не се исполнува и нема согласност од градот кој се повеќе е заглавен во кавги и пресметки и лични интереси затоа си давам оставка од директор на ЈСП Турс, од каде си заминувам со крената глава, задоволен од резултатите и со принципите во кои продолжувам да верувам, рече тогаш Василевски