Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја избрал ќерка си Ким Џу Ае за своја наследничка, соопшти Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја (НРС).
Проценката, како што наведуваат од НРС, се темели на нејзиното сè почесто присуство на официјални настани и јавни настапи покрај татко ѝ. Во изминатите месеци Џу Ае беше видена на повеќе државни настани, меѓу кои и на посета на Пекинг во септември.
Од разузнавачката служба велат дека внимателно ќе следат дали таа ќе присуствува на партискиот конгрес подоцна овој месец. Конгресот е најголемиот политички настан во Северна Кореја и се одржува еднаш на пет години.
Џу Ае е единственото јавно познато дете на Ким Џонг Ун и неговата сопруга Ри Сол Џу. НРС претпоставува дека севернокорејскиот лидер има и постар син, но тоа никогаш не било официјално потврдено.
Информацијата за нејзиното постоење првпат ја објави американскиот кошаркар Денис Родман во 2013 година. Во интервју за „Гардијан“ тој тогаш изјави дека „го држел бебето Џу Ае“ за време на посетата на Северна Кореја.
Џу Ае, за која се верува дека има околу 13 години, првпат се појави на државната телевизија во 2022 година. Тогаш беше прикажана како ја разгледува интерконтиненталната балистичка ракета, држејќи го за рака татко ѝ. Во јавноста често се појавува со долга коса и дизајнерска облека, што отстапува од правилата што важат за повеќето нејзини врсници во земјата
