Поважните предмети како Преспанскиот договор и Закон за јазиците ќе бидат ставени на седница во септември, најдоцна октомври, најави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, пренесува Фокус.
На денешниот брифинг со новинари, таа посочи дека одложувањето на решавањето по овие предмети е поради недоволниот број на судии во Уставниот суд. Таа порача дека пратениците се мајтапат со Уставниот суд и со граѓаните на нашата Република.
-Не очекувам дека во скоро време ќе изберат судии. Несовесно постапување не е дозволено на никого, а најмалку би рекла на пратениците. Не очекував дека толку долго ќе се провлече оваа ситуација, но веќе еве од 2 јуни почнуваме трета година во која Судот не е комплетиран. Долг период работевме на работ на кворум со само пет судии и ќе беше многу несериозно од мене ако ги ставев тие предмети, важни за државта, на седница со само пет судии, сега сме седум. Но, повторно ќе нагласам дека не очекувам дека парламентот, конечно, ќе почне да го почитува Уставот и да избере судии и токму затоа овие предмети би сакала да ве информирам дека ќе бидат ставени на седница некаде во текот на септември, најкасно на почетокот на октомври. За уставноста на Законот за ратификација или познат како Преспански договор има 5 поднесени иницијативи, а за Законот за јазици 13. Тоа ни го покачува бројот на нерешени предмети и нема да дозволам да останат нерешени уште долго време чекајќи го Собранието да ги избере уставните судии, рече претседателката Кацарска
Како што дополни, има пет иницијативи за Преспански договор и 13 за Закон за јазици. Кацарска информираше дека на есен ќе биде донесен Акт за Уставен суд во кој ќе има измени во поглед на постапка, начин на работа и финансиска самостојност на Судот.