Владата на 25-ти август прогласи кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво. Двете одлуки ќе почнат да се применуваат од 1 септември и ќе траат 30 дена.

Внимавајте – првата одлука е донесена заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, а втората заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.

Прво, зар озбилна Влада пред почетокот на грејната сезона кажува дека постојат сериозни проблеми и неизвесност во снабдувањето на топлинска енергија?

Зар во година дена на енергетска криза Влада не е уште спрема за стабилизација на домашното производство на електрична енергија во пресред на најголемата криза до сега? Имавме прогласено кризна состојба од ноември лани до јуни оваа година.

Зар до сега не се набави јаглен, мазут за производство на електрична енергија? Зар до сега не се реши проблемот со парното во Скопје? На месец пред грејна сезона кризна состојба?

Во домашното производство на електрична енергија се користи главно јагленот за термоцентралите и водата за хидроцентралите, а производството од обновливите извори (од соларни, ветерни и биогасни централи) сочинува само 3,3% од домашното бруто производство на електрична енергија во 2021 година и речиси не е мрднато од 2016 година. Значи, примарно е да се има јаглен и мазут за производство на електрична енергија, но никој од надлежните јасно не кажа дали до сега се набавени потребните количини на овие енергенси за периодот којшто следи.

Воедно, колку имаме набавка од сопствени извори (од домашните рудници, што би било поефтино), а колку од увоз?
И тука лежи заддршката којашто ја даваат надлежните. Тие уверуваат дека струја ќе има во престојниот зимски период и дека рестрикциите не се опција ако се оди според планот на Електростопанство на Македонија (ЕСМ).

Што е тоа што може да го измести планот ако навремено се обезбедиле со енергенси и се направени сите ремонти како што треба од страна на ЕСМ?

Планот на ЕСМ е да го зголеми производството за 25% во споредба со 2021 година, со што ќе ја произведува целата електрична енергија за граѓаните и малите потрошувачи и нема, пазете, да купува стуја (изјава на Бетиќи).

Тука лежи признанието на Владата за колапсот во домашното производство лани, кога увезоа скапа струја, зошто домашното производство беше на историски минимум. И сега, раст на производството за 25% од најниска споредбена основа?

Не е за фалење туку за ќутење. За првите шест месеци од 2022 година уште сте под историскиот просек!

И плус нѐ убедуваат дека успешно се справиле со кризата за којашто граѓаните и бизнисот веќе платија 172 МИЛИОНИ ЕВРА на крајот од 2021 година и на почетокот на 2022 година. Тоа се пари од буџетот за скап увоз на струја од ЕСМ и покривање на загуби, зошто имавме колапс на домашно производство од термоцентралите и хидро централите (тука и празнењето на акумулациите во минатите години беше проблем што е плус друга тема). И сега, даночна реформа за повеќе пари во буџетот…а според министерот за финансии буџетот е ликвиден!

Да. Е ликвиден заради растот на цените (инфлацијата), односно даночната основа. Да е ликвиден, зошто сите даночни мерки со коишто колку толку се неутрализираше ценовниот шок се укинаа. Сега од џепот на граѓаните и ликвидноста на бизнисот иде во буџетот, а од буџетот во ЕСМ. Плус на ова според директорот на ЕСМ нѝ се потребни уште 150 милиони евра за оваа сезона?! Плус не го помагате бизнисот којшто е на отворен пазар? Скапо (не) решена криза!

И да бидеме малку конкретни и да го дефинираме проблемот на енергетската криза. Енергетската криза којашто е речиси веќе една година и зема уште замав во Европа е заради геополитички причини (и пред војната во Украина), што придонесува кон силен раст на цената на нафтата и природниот гас кои пак сочинуваат 35% и 22% во финалната потрошувачка на енергија во Европската унија (ЕУ) во 2020 година (последни податоци). Вртоглавиот раст на цената на електричната енергија во ЕУ е од причина што околу 41% доаѓа од запаливи горива како што се природен гас, јаглен и нафта, чии пак цени бележат рекорди.

Тоа е просечната енергетска потрошувачка во ЕУ (се разликува по држави), а како е кај нас дома? Прво. Учеството на природниот гас во финалната енергетска потрошувачка во Македонија е само 2,4% во 2020 година (според последни податоци од Државен завод за статистика, што може заради корона кризата да е изместена статистика, но е последен податок споредлив со ЕУ). Најголем дел од природниот гас се користи во индустријата (81%), особено на железо и челик, но и во рамки на останати големи преработувачки капацитети, што ги прави силно погодени од растот на цената на гасот.

Домаќинствата речиси и да не користат природен гас (само 0,6% од вкупната потрошувачка на гасот). И сега замислете што ќе беше ако требаше оваа Влада да задоволи поголеми количини на природен гас покрај за индустријата и за домаќинствата? Никој од надлежните не кажува како помага на индустријата во однос на испораката на гасот и по која цена е договорен истиот?
Второ. Во Македонија најголем дел (50%) од финалната енергетска потрошувачка се однесува на течните горива. Домаќинствата и бизнисот се погодени од малопродажните цени на нафтените деривати, чија горна граница е регулирана, но зависна и утврдена согласно движењата на светските берзи. Цената на нафтените деривати не се замрзна како по примерот на некои држави.

Напротив, само два месеца беа во примена мерките, кои веќе не постојат од јуни – комплицираната методологија за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени и намалена стапка на ДДВ од 18% на 10% при промет на одделни енергенси. Трето, цената на електричната енергија за домаќинствата од 2020 година наваму е зголема за 7,4% (без криза), во 2021 година за 12,4% (но зголемувањето не се почуствува на крајните сметки зошто се примени повластена стапка на ДДВ од 18% на 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата).

Најновиот раст на цената на електричната енергија за домаќинствата според последните податоци од ДЗС во јули 2022 година изнесува 10%, а не просечно за 7,4% колку што се кажуваше во јавност. Колку ќе биде растот на цената на електричната енергија за домаќинствата од 2023 година пред сѐ зависи од подготвеноста на Владата, која судејќи според прогласената кризна состојба ја нема. Воедно повластената даночна стапка од 5% се зголемува на 10% за прометот со електрична енергија кон домаќинствата од јануари 2023 година.

Неспремноста ќе чини повеќе пари, а парите во буџетот се на граѓаните и бизнисот. И сега кој е спасител?

Колумна на Маја Кадиевска Војновиќ за Експрес.мк