Оставката според неа не е принципиелен чин
Адвокатката и поранешна обвинителка Лејла Кадриу ја коментираше оставката на обвинителката Ленче Ристоска, оценувајќи дека станува збор за потег кој не произлегува од принципи, туку од избегнување одговорност.
„По мојот настап – наместо одговори, добиваме оставка, а можеби и оставки, ќе видиме. Не како одговорност, туку како бегство од одговорност. Кога аргументите недостасуваат – тајмингот станува најсилно оружје“, напиша Кадриу.
Спорен тајминг и пораки за принципиелност
Таа посочи дека ваков чекор би имал тежина доколку бил направен во поинаков момент, односно кога, како што вели, се случувале клучни процеси поврзани со прислушкуваните материјали.
„Да го направеше овој потег при примопредавање на незаконито прислушкуваните материјали кога државата ја уриваа од темел, ќе ѝ поверував дека има принципи. Кога вистината почнува да боли, оставката станува најлесен одговор“, додаде Кадриу.
Нејзината реакција следува по нејзино гостување во емисијата „Вечерното шоу“ на Алфа, каде што изнесе тврдења дека СДСМ имале влијание врз работата на поранешното СЈО. По тие изјави, дел од обвинителите најавија дека ќе покренат тужби.
