Амбасадорката на Холандија во Македонија Узлем Џанел ги претстави резултатите од анкетата спроведена меѓу холандските компании во 2024 година на настан на кој присуствуваа претставници од владините институции, економските комори, холандскиот бизнис сектор и бизнис асоцијациите.
На скала од 1 до 10, учесниците во анкетата ја оценија бизнис климата во државата со 5.7, што е за 6% подобар резултат споредено со резултатите од последната анкета спроведена во 2022 година. Како клучни фактори кои би влијаеле во проширување на бизнисот во земјата беа наведени ниските оперативни трошоци, владината поддршка, растечката побарувачка за нивните производи како и леснотијата на водењето бизнис.
Од друга страна, недостатокот од квалификувана работна сила и нивото на образование и обука како и корупцијата и непредвидливото бизнис опкружување беа идентификувани како главни пречки во водењето бизнис. 75% од испитаниците сметаат дека достапноста на дигитални јавни услуги е многу важна за нивното ефикасно работење и намалување на трошоците.
Скоро сите холандски компании кои работат во земјава се активни на полето на корпоративно општествената одговорност, со главен фокус на заштита на животната средина, безбедност при работата и политики за добросостојба на вработените.
Резултатите од анкетата беа претставени на настан со кој се одбележа Денот на холандскиот претприемач. Во нејзиното обраќање, Амбасадорката Џанел ја нагласи важноста на претприемачите како суштинска движечка сила за иновации, напредок и општествени промени: „Денес го славиме претприемачкиот дух кој е многу повеќе од отворање на еден бизнис. Претприемништвото подразбира и издржливост, визија и храброст кои водат кон нови можности и раст“ рече таа.