Ништо од прозападните вредности на владата, Македонија ја претворија во Див запад. Ниту право владее, ниту правна држава имаме. Секојдневие станаа убиства, ликвидации, киднапирања, бегства од затвор, криминалот царува, а мафијашите наместо да одговараат пред законот се договараат со власта.
Затоа клучните криминалци имаат дрскост јавно да пукаат и да ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Оливер Спасовски како министер и Сашо Тасевски како директор на БЈБ се должни да им одговорат на граѓаните.
Прашуваме, дали Полицискиот началник, Музафер Каришиќ, човек од доверба на Спасовски и Тасевски, како член на комисијата за издавање на одобрение за оружје му дал дозвола за поседување на оружје на Шукри Асани, кој е осомничен за транспорт на кокаин? Како може криминалец од листата за безбедносен ризик да поседува дозвола за оружје? Ова е исто како на пироман да му дадеш канта со бензин и запалка и да го пуштиш сред шума.
Полицискиот началник Каришиќ е директно одговорен и поставен од страна на Спасовски и Тасевски. Неговите постапки не е можно да не биле дозволени од страна на овие двајца. Дали Спасовски и Тасевски свесно дозволуваат криминогени лица да шетаат слободно вооружени и дали со таквите лица имаат тајни договори и бизниси?
Јавноста мора да ги знае овие одговори, бидејќи безбедноста на граѓаните е загрозена.
(Интегрален текст од соопштение на ВМРО-ДПМНЕ)